Професор д-р Љупчо Ајдински
Проф. д-р Љупчо Ајдински, 28.04.1930 – 01.08.2021 година (91), во Ново Село Струмичко, универзитетски професор, научник, хуманист и филонтроп. Завршил Педагошки студии на Филозофскиот Факултет во Скопје и Дефектолошки студии во Белград. Исто така дoкторирал на Дефектолошкиот факултет, односно на Факултетот за специјална едукација и рехабилитација во Белград. Бил редовен професор и на Белградскиот и на Скопскиот универзитет и е основоположник и Раководител на Институтот за дефектологија (специјална едукација и рехабилитација) при Филозофскиот факултет во Скопје. Бил Пoмошник министер за Социјална Политика, Член на Претедателството на РК на ССРНМ и Пратеник во Сојузното собрание на СФРЈ.
Реализирал две специјализации во Англија, Шведска, Холандија и во САД и учествувал на стручни собири во едно 15 Европски земји. Објавил 26 монографии и учебници и над 120 стручно – научни трудови и много од нив ги има објавено во домашни и странски спианија. Основач е на неколку стручни списанија и бил главен и одговорен уредник на списанијата: „Дефектолошка теорија и практика“, „Порака“ и „Родители и деца“. Бил член на редакциони одбори на списанијата: „Социјална политика“ (републичко) и на „Социјална политика“ и „Преглед” (сојузни). Раководел со десетина истражувачки проекти. Втемелувач е на Современите теориски основи на олигофренолошката наука и практика и на повеќе инвалидски организации во Република Македонија.
Изготвил повеќе програми за отворање на околу 30 рехабилитациони установи и заштитни работилници (установи за деца со психичка попреченост, со телесна инвалидност, со оштетен слух, со оштетен вид и заштитни работилници за лица со оштетен слух, со оштетен вид и за лица со психичка попреченост) во Република Македонија.
Добитник е на 4 одликувања од Претседателот на СФРЈ: „Медал на трудот“; „Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда“; „Орден за воени заслуги со сребрени мечови“; „Орден за братство и единство со сребрен венец“; Југосовенска награда: „Д-р Златан Сремец“; Национални признанија и награди, меѓу кои: „Св. Климент Охридски“, „11 Октомври“, „Мајка Тереза“, „13 Ноември“, Наградата „Индивидуален филантроп“ и наградата „Во мојот свет“. Од Светските награди ги добил: „2000 Милениумски златен медал на честа“ и „Орден за благородност“.
Г-ѓа Марија Ајдинска
Родена е на 18.Ноември 1933 година во Клисура Република Србија од родителите Јула и Јордан Костови Зафирови. Основното образование го започнува во Крива Паланка, а го завршува во Штип. Средно образование (Учителска школа) завршува 1950 година во Скопје. По завршувањето на средното образование, од Министерството за Просвета е испратена за воспитателка на деца од Егејска Македонија од предучилишна возраст сместени во Дутовље Република Словенија. После година дена се враќа на работа како воспитателка во Детскиот дом „Вера Циривири“ во Скопје. По укажаната потреба за воспитателки во предучилишните установи, Марија е преместена на работа како воспитателка во Детската градинка „Лазар Колишевски“, сегашнатата Детска градинка „13 Ноември“ во Скопје.
Со ширењето на мрежата на предучилишните установи, од Околискиот одбор на град Скопје, е ставена на располагање на општината Гази Баба за да го отвори Забавиштето за деца од предучилишна возраст и да работи во него. Забавиштето ја започнува својата работа со 3 групи при Основното училиште „Стив Наумов“ во Автокоманда. По неколку години Забавиштето се издвојува од Училиштето во самостојна установа, како Детска градинка со назив „Детска радост“, во населбите Автокоманда и Железара. Марија е поставена како прва директорка на градинката и по 30 години работа како директорка, во 1985 одина заминува во пензија. Додека била директорка на установата, иницирала изградба на 5 посебни згради, во кои овозможува згрижување на околу 700 деца во јасли и градинка со околу 90 вработени воспитателки, негователки и технички персонал.
Покрај работата на сите наведени работни места, Марија била активно ангажирана во општествено – политичките организации и стручни здруженија (во Здружение на воспитателки и Синдикат на воспитателки од предучилишните установи). За успешноста во работата, во која го посветува сволот работен и животен век на децата и за општесвените активности, добила голем број признанија и благодарници, а пред заминување во пензија е одликувана со Орден на трудот од Претседателот на СФРЈ.
Денес, Марија ги живее своите 28 години пензионерски денови, а на на 18 Ноември 2013 година го прослави својт 80-годишен роденден, заедно со со своите најблиски од нејзината фамилија и фамилијата на нејзиниот сопруг заедно со внуците и правнуците, како и со најблиските роднини и пријатели.
Во 2012 година Марија во разговор со својот сопруг иницираше основање на Хуманитарна фондација „Професор д-р Љупчо Ајдински“, имајќи ги во предвид неговите досегашни хумани и филантропски активности во посветениот негов работен и животен век на лицата со инвалидност и децата без родителска грижа.