Ти си тука

Професор д-р Љупчо Ајдински

Проф. д-р Љупчо Ајдински, роден е во Ново Село Струмичко на 28.04.1930 година, универзитетски професор, научник, хуманист и филонтроп. Завршил Педагошки студии на Филозофскиот Факултет во Скопје и Дефектолошки студии во Белград. Исто така дoкторирал на Дефектолошкиот факултет, односно на Факултетот за специјална едукација и рехабилитација во Белград. Бил редовен професор и на Белградскиот и на Скопскиот универзитет и е основоположник и Раководител на Институтот за дефектологија (специјална едукација и рехабилитација) при Филозофскиот факултет во Скопје. Бил  Пoмошник министер за Социјална Политика, Член на Претедателството на РК на ССРНМ и Пратеник во Сојузното собрание на СФРЈ.

Реализирал две специјализации во Англија,  Шведска, Холандија и во САД и учествувал на стручни собири во едно 15 Европски земји.  Објавил 26 монографии и учебници и над 120 стручно - научни трудови и много од нив ги има објавено во домашни и странски спианија. Основач е на неколку стручни списанија и бил главен и одговорен уредник на списанијата: „Дефектолошка теорија и практика“, „Порака“ и „Родители и деца“. Бил член на редакциони одбори на списанијата: „Социјална политика“ (републичко) и на „Социјална политика“ и „Преглед" (сојузни). Раководел со десетина истражувачки проекти. Втемелувач е на Современите теориски основи на олигофренолошката наука и практика и на повеќе инвалидски организации во Република Македонија.  

Изготвил повеќе програми за отворање на околу 30 рехабилитациони установи и заштитни работилници (установи за деца со психичка попреченост, со телесна инвалидност, со оштетен слух, со оштетен вид и заштитни работилници за лица со оштетен слух, со оштетен вид и за лица со психичка попреченост) во Република Македонија.

Добитник е на 4 одликувања од Претседателот на СФРЈ: „Медал на трудот“; „Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда“; „Орден за воени заслуги со сребрени мечови“;  „Орден за братство и единство со сребрен венец“; Југосовенска награда: „Д-р Златан Сремец“; Национални признанија и награди, меѓу кои: „Св. Климент Охридски“, „11 Октомври“, „Мајка Тереза“, „13 Ноември“,  Наградата „Индивидуален филантроп“ и наградата „Во мојот свет“. Од  Светските награди ги добил: „2000 Милениумски златен медал на честа“ и „Орден за благородност“.